„Состаноците на Македонско-бугарската историска комисија се одржуваат редовно и засега нема никаков напредок“.
Ова денеска во Штип го изјави Драги Ѓоргиев, копретседател на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу С. Македонија и Бугарија.
Тој посочи дека годинава Комисијата одржала состанок во февруари, а следниот е во април.
На прашањето кога ликот и делото на Гоце Делчев ќе бидат ставени на дневен ред на Комисијата, тој одговори дека дневниот ред се одредува пред самиот состанок.
– Се уште немаме утврдено дневен ред за следниот состанок. Треба да се водат разговори, дијалогот треба да продолжи, а за резултатите кога ќе бидат тоа е неизвесно – рече Ѓоргиев.
Посочи дека Комисијата дискутира за македонските учебници за седмо одделение и за бугарските учебници за шесто одделение.
– Нема усвоено никакви препораки за учебниците за седмо одделение и во тек е дискусија за нив веќе подолго време. Така да нема никакви препораки, кои се дадени до владите на двете земји за учебниците по седмо одделение. Се дискутира за учебниците за македонскиот образовен систем и шестто одделение за бугарскиот образовен систем, веќе ги завршивме тие. Тоа е среден век – изјави Ѓоргиев.