Голема воена вежба: НАТО распоредува 20.000 војници во северна Европа

Околу 20.000 војници од 13 земји започнаа голема вежба на крајниот север на Европа за да се одбранат од хипотетички напад на територијата на НАТО.

Тоа, според норвешката војска ги вклучува Финска и Шведска, кои се приклучија на Алијансата по рускиот напад на Украина.

Околу 1.500 мажи и жени од германските вооружени сили учествуваат во маневрите Нордиски одговор 2024, вклучително и 700 членови на планинските сили, објави Бундесверот во норвешкиот крајно северен град Алта.

Според планираното сценарио, војниците требаше да извршат контранапад во четвртокот од областа Алта за да ги заземат областите на југ кои веќе беа окупирани од непријателот.

Земјите на НАТО распоредуваат широк опсег на вооружени системи за вежбата, вклучувајќи 100 авиони и поморски сили со фрегати и подморници.

Во Алта отпатува и германскиот министер за одбрана Борис Писториус за да учествува на почетокот на активниот дел од маневрите, кои почнаа на полноќ.

Еден ден претходно, тој ја посети норвешката воена станица на границата со Русија и понуди да го зголеми присуството на Бундесверот на далечниот север.