„Португалија може да го освои ЕП, само ако не игра Роналдо“

Кристијано Роналдо на 39 години и натаму дава голови во Саудиска Арабија, и натаму е капитен на репрезентацијата на Португалија, а се очекува да ја предводи и на престојното Европско првенство.

Кристијано со десет голови во квалификациите, даде голем придонесе за пласманот на ЕВРО кое годинава ќе се одржи во Германија. Португалија успеа да победи на сите десет квалификациски натпревари.

Сепак, легендарниот француски фудбалер Франк Лебеф, смета дека ако Португалија сака да го освои трофејот, мора да се откаже од Роналдо.

„По мене Португалија е еден од кандидатите за титулата. Мислам дека може да го освојат Европското првенство, но само ако не игра Роналдо. Не може ништо да му се одземе за тоа што го даде на фудбалот и на својата земја, и сакам да му се заблагодарам за тоа што фудбалот го подигна на повисоко ниво, но мислам дека секому му доаѓа крајот. Тој како и Меси се реши да не игра повеќе на врвно ниво, и заминаа во послаби лиги. Не може да се одземе ништо од тоа што им го дадоа на фудбалот, но мислам дека е дојдено времето на некои други“, рече Лебеф.