Мечка нападнала дански турист на Шар Планина додека скијал надвор од обележаните патеки

Дански турист, кој на Шар Планина скијал надвор од скијачките патеки, денеска во 10:45 часот бил нападнат од мечка, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Туристот, како што велат од ЦУК, бил заедно со група скијачи кои во слободен стил скијале надвор од обележаните патеки.

„Мечката со гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на скијачот. Екипа на итната медицинска помош од Тетово го транспортира повредениот скијач кон тетовска болница каде што дополнително ќе биде утврдена тежината на повредите“,велат од ЦУК.

Минатата година често имаше присуство на мечки во близина на населени места.

На крајот на септември минатата година Општина Маврово и Ростуше побара Владата да прогласи кризна состојба на целата територија на Општината поради зголемено присуство на мечки на овие простори и опасноста што тие ја имаат по локалното население.

Изминатите неколку месеци имаше повеќе случаи во кои мечки настрадаа откако беа удрени од автомобил. Последниот беше регистриран на 2 декември кога млада мечка беше удрена од возило на патот Тетово – Непроштено додека со уште една поголема и две помали мечки го минувала патот.

Освен на патиштата, имаше и инцидент во кој возрасен маж беше повреден откако бил нападнат од мечка на потегот помеѓу селата Пласница и Ораоец во Општина Македонски Брод. Го спасија ловџии кои случајно се затекнале на местото.