Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вели дека тој лично не ја познава професорката Билјана Ванковска, кандидатка на Левица за шеф на државата, и затоа не би можел да каже дали таа имала улога на „помагач“ на изборите во 2019 година Гордана Силјановска-Давкова да победи во претседателската трка. Ова беше одговорот на Муцунски прашан дали знае на што мисли Ванковска кога вели: „Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле“.
Но, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, од она што тој со сигурност може да го каже е дека секој глас за Левица и за кандидатите на Левица на претстојните двојни избори е скриен глас за СДСМ и дека овој факт е очигледен. Сепак, проценува тој, кај граѓаните се развива зрелост со која тие го препознаваат тоа и покрај тоа што Левица негодува за ваквите ставови на ВМРО-ДПМНЕ.