Дебелината треба да се сфати како хронична и прогресивна болест која мора да се лекува, предупредија денес на светскиот ден на борба против дебелината лекарите од двата центри за менаџирање на дебелината во земјава. Ирфан Ахмети од Центарот за менаџирање дебелина на Клиниката за ендокринологија вели дека предвидувањата за оваа болест и кај нас и во светот се многу песимистички.
„Последните 30 години дебелината во светски рамки е утростручена. Предвидувањата во смисла на прогресија на оваа болест се песимистички односно се очекува пандемиски раст на оваа болест. Кај нас околу 28% од популацијата се обезни. Обезноста е во подем и кај деца и кај адолесценти. Некаде околу 30 % се натхранети и обезни. Велам натхранети затоа што доколку не се интервенира тие преминуваат во обезни како деца и како адолесценти. Обезни деца има околу 13,5 % “, вели ендокринологот Ахмети.
Тој повика да се зборува за дебелината како болест која мора да се лекува и тоа да го прават не само лекарите туку сите за да се крене свесноста и пациентите да појдат да побараат помош.
„Во двата отворени центри за менаџирање обезност, едниот во ‘8 Септември’ другиот на Клиниката за ендокринологија 650 пациенти ни се регистрирани за овие шест месеци. Ни доаѓаат пациенти со прилично потешка обезност, класа три. Околу 60% се такви. За такви пациенти даваме и терапија и тие се мотивирани почесто да доаѓаат на контроли со цел да намалат во телесната тежина. Податоците од Мој термин говорат дека само 14.000 имаме регистрирани пациенти со обезност што е приближно 10 % од реалните бројки. Многу е важно да зборуваме отворено за оваа болест со цел да се избегне и стигмата и кога повеќе ќе се зборува ќе се подигне свеста навремено лицето што е обезно да се упати без никакви комплекси за барање помош“, вели Ахмети.
Дијагностицирањето, според него, не мора да се прави во Центрите за менаџирање на дебелина, туку да почнува кај матичните лекари со едноставно мерење на телесната тежина и совети за сите кои имаат поголема телесна тежина за здрав начин на живот и нивно следење.