Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп (77) викендов прослави победи во Мизури, во Мичиген и во Ајдахо, во серијата предизбори за претседателска кандидатура и чекор поблиску е да биде адут на републиканците на изборите во САД во ноември.
Тој пред приврзаниците на митингот во Вирџинија рече дека веќе во наредната недела би можел да обезбеди сигурна номинација на својата партија за претседателските избори.
Неговата последна преостаната ривалка во внатрепартиската трка кај републиканците, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, и натаму е во исчекување на првата победа.
Кандидатот за претседател треба да собере поддршка од 1.215 делегати за освојување на републиканската номинација.
Наредните предизбори на републиканците се веќе денеска во Вашингтон, а најважниот ден е т.н. Супервторник (5 март), кога ќе се спроведат предизбори во 16 американски сојузни држави.