Акциите на „Алкалоид“ добра инвестиција – вложени 580.000 евра преку блок трансакција
Речиси 580.000 евра се инвестирани во 1.754 акции на „Алкалоид“. Се работи за блок трансакција, што значи хартиите од вредност се продадени на познат купувач.
Според официјалната дневна листа на Македонска берза, трасакцијата е извршена на последниот ден од февруари. За една акција е платена цена од 20.350 денари или вкупно 35,693.90 илјади денари.
Акциите на најголемата и најуспешна македонска фармацевтска компанија се меѓу најбараните и најтргуваните на Берзата, со што и нивната вредност е во постојан подем. Просечната цена постигната истиот ден изнесувала 20.512,91 денар. За потстување, во текот на минатата година просечната цена за акција беше 17.781,93 денари.
Берзанските движења се најдобриот индикатор за статусот на една компанија. А, интересирањето на инвеститорите за „Алкалоид“ е очекувано, затоа што има високи достигнувања: добивка од близу 25 милиони евра, инвестиции над 28 милиони евра, извоз над 183 милиони евра.
Добивката што „Алкалоид“ ја оствари со работењето во текот на минатата година, речиси рамномерно ќе биде поделена на два дела. За дивиденда и данок за личен доход над 770 милиони денари (12,5 милиони евра) и за инвестиции – над 750 милиони денари (12,1 милион евра).
Предлогот треба да добие потврда на акционерското Собрание закажано за први април.
Во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната 2022 година од 490 денари бруто, односно 441 денар нето, сегашната е поголема за 10,2 проценти.