За да се спречи препишување, државната матура годинава ќе се полага во холови и сали

Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.

Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик.

Целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства – учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).

-Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни, изјави за МИА Билјана Михајловска, директорка на Државниот испитен центар (ДИЦ) кој го организира и спроведува полагањето на државната матура.

Работна група на ДИЦ, во која учествувале и претставници од Министерството за образование и наука, ги контактирала сите средни училишта и собрала податоци за нивните просторни услови и според нив најголемиот дел од училиштата имаат доволно големи простории за своите ученици.

-Само мал дел од училиштата немаат доволно простории и дел од матурантите од тие училишта ќе полагаат во најблиското училиште во кое има услови за полагање, додава Михајловска.

За предлозите за воведување блокатори на сигнали на мобилни телефони, директорката на ДИЦ вели дека без оглед дали во испитната просторијата има или нема блокатор, матурантите воопшто не смеат да користат електронски уреди во текот на испитот, така што блокаторите би го спречиле користењето на мобилните телефони за препишување и споделување информации во ситуација кога тестаторот не го забележал или го игнорирал прекршувањето на правилата.

-Државниот испитен центар смета дека би било добро да има блокатори, но, пред сѐ, очекува коректен однос и почитување на правилата – и од страна на матурантите, и од страна на тестаторите.

Како институција не сме надлежни да ја донесеме одлуката за користење блокатори или да ги опремиме училиштата со таква опрема.

Доколку се донесе таква одлука на повисоко ниво, секако дека ќе ја почитуваме и ќе направиме сѐ што е потребно за нејзино спроведување, изјави Михајловска.

Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).