Обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вчера го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.
„Обвинението се однесува на „злоупотреба на службена положба“ по однос на аудито, член 353 став 3 во врска со став 1. Иницијативата на Државната комисија за спречување корупција лутала долго време по обвинителствата и конечно пристигна кај нас. Се состоеше во целосно повикување на извештај на Државниот завод за ревизија, по што следуваше макотрпна работа. Ние го испративме во Кривичниот суд во Скопје, кој ако се прогласи за ненадлежен, ќе го препратиме во судот во Струга.“
За епилогот од истрагата против струшкиот градоначалник беше соопштено на денешниот брифинг со шефот на ОЈОГОКК Ислам Абази и останатите обвинители, а повод беа новите простории на обвинителството. Се реферираше и за дел од останатите предмети кои се под надлежност на обвинителството со кое раководи Абази. Се уште во фаза на истрага е случајот со уапсената група од Грчец, како и случајот Бехтел и Енка, отворен по допрен глас, а како што велат од обвинителството истрагата е насочена кон изборот на фирмата која треба да го врши надзорот на градбата. Во фаза на предистрага е и случајот за продажбата на ТЦ Соравија во кој се проверуваат повеќе сомненија за сторени кривични дела. Наскоро се очекува одлука дали ќе има обвинение за случајот Еуростандард Банка откако по речиси две години обвинителите го добиле вештачењето кое е доставено до одбраната.