Граѓаните стравуваат од нов ценовен шок – Кога ќе се изгласа Законот за нефер трговски практики?
Гарантираната цена од денеска не важи. Трговците велат дека нема да има енормно поскапување, но ќе има ценовни поместувања. Властите очекуваат морално однесување од трговците, а граѓаните стравуваат од ценовен шок.
Денеска при пазарење во еден минимаркет затекнавме непроменети цени дури кај некои производи сè уште стои гарантирана цена. Но, дел од трговците по информации од добавувачите најавуваат поскапување на млечните, месните производи, на дел од пијалаците, земјоделските производи, бидејќи престанува да важи и мерката за ослободување од царински давачки.
Некои од граѓаните велат дека цените не ни можат повеќе да се зголемуваат, бидејќи го достигнале плафонот, други пак, очекуваат поскапување во наредните денови.
Очекувањата на ресорните министри се побрзо носење на Законот за нефер трговски практики и морално однесување на трговците. Според економистите и да се донесе законот кој го помина првото читање во Комисијата за европски прашања, потребни се 6 месеци за да се почувствуваат ефектите од него.