Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел денеска изјави дека е „згрозен од веста за уште еден масакр“ на северот на Газа во кој загинаа Палестинци кои чекаа ред за храна.
– Ужаснат сум од веста за уште еден масакр на цивили во Газа кои очајно бараат хуманитарна помош. Овие смртни случаи се целосно неприфатливи – напиша Борел на социјалната мрежа „Х“.
Тој додаде дека лишувањето на луѓето од храна е „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
– Мора да се одобри непречен хуманитарен пристап до Газа – изјави Борел.
Повеќе од 100 луѓе загинаа, а повеќе од 700 беа повредени кога израелската армија отвори оган врз Палестинците кои чекаа ред за храна, соопшти Хамас.
Од друга страна, израелските власти тврдат дека големиот број жртви е резултат на стампедо, а не на напад на израелската армија.
ИДФ, сепак, призна дека нејзините припадници пукале во некои Палестинци кои се движеле кон војниците и тенкот на контролниот пункт.