Дмитро Кулеба – министерот за надворешни работи на Украина и неговиот руски колега – Сергеј Лавров имаа 90-минутна средба во Анталија. Разговарале за 24-часовен прекин на огнот, но сепак не е постигнат напредок.
„Разговаравме и за прекинот на огнот, но не беше постигнат напредок за тоа“ – истакна Кулеба.
Тој го оквалификува состанокот како „тежок“ и упати обвинувања до својот колега дека внесува „традиционални наративи“ во разговорите.
Тоа беше првата средба на Кулеба и Лавров откако Русија изврши инвазија врз Украина.
Кулеба по средбата со Лавров наведе дека Украина „нема да се предаде“.
„Сакам да повторам дека Украина не се предаде и нема да се предаде – посочи Кулеба.
Сергеј Лавров, пак, рече дека потезите на западот се опасни.
„Работевме на обидот да се реши кризата. Разговаравме за хуманитарни проблеми. Објаснивме што прави Русија од нејзина страна за да им помогне на цивилите приведени од таканаречените „волонтери. Ни беше дадено уверување дека ќе добиеме одговор на нашите барања. Сакаме да го зачуваме мирот во Европа. Потезите на Западот се опасни, тоа го гледаме. Ние не ја нападнавме Украина, не планираме да нападнеме ниту други земји. Нашата безбедност е загрозена. Сакавме да разговараме, но никој не не слушаше“ – додаде тој.