Рама: Западен Балкан е подготвен да помогне во борбата против Русија

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Западен Балкан им е потребен на земјите од Европската унија од безбедносни причини и дека тие можат да придонесат во борбата против Русија.

„Колку што ни требате, толку ни требате и вие. Зошто? Пред се поради она што ви е најмило – безбедноста“, рече Рама.

Во интервју за бриселскиот портал Еурактив, тој вели дека улогата на Западен Балкан станува уште поважна за ЕУ, која почнува да го сфаќа тоа додека се бори против заедничкиот непријател Владимир Путин.

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска пристигна во Тирана, каде што се одржува самитот Украина-Југоисточна Европа.

Западен Балкан, рече Рама, е подготвен да придонесе во борбата против Русија поради европските и западните „оправдувања“ и „ограничувања“ во врска со помошта за Украина.

На прашањето што може да обезбеди Тирана во време на украински „замор“, проблеми со постигнување консензус на ниво на ЕУ за прашањето за финансирање, неисполнување на ветувањата за испорака на оружје и двоумење за некои видови воена помош, Рама рече дека Западот е одговорен за таквата ситуација.

„Погледот на нашите земји, Црна Гора, Северна Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои се целосно солидарни со Украина, ќе им каже нешто на поголемите, побогати момци. Нивните ветувања се таму, нивната посветеност е таму, но не сум сигурен дека изговорот за сите овие одложувања и ограничувања може да трае многу подолго“, рече Рама, додавајќи дека секој треба да придонесе.

Рама рече дека не верува оти самитот и вклучувањето на регионот ќе го сменат темпото за целата демократска заедница, но дека нема да го потценува придонесот и влијанието што тие можат да го имаат.

Самитот „Раст и конвергенција за Западен Балкан“ посветен на европската интеграција на регионот и Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан ќе се одржи утре во главниот град на Албанија.

Зборувајќи за самитот, на кој присуствува и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј, Рама рече дека планот за раст е чекор напред во однос на проширувањето.

„Секој чекор во заемното зближување е чекор напред кон ЕУ. Секој чекор кон ЕУ е чекор кон проширување“, рече Рама.

За можноста за зајакнување на десницата по изборите за Европскиот парламент во јуни, Рама рече дека во Европа се може да се промени, но дека нема да се смени ниту потребата од проширување, ниту заедничкиот непријател Путин.

„Путин им помогна да се разбудат по долг, пријатен сон во однос на Балканот, Украина и Молдавија, тоа е колатерална, добра последица на овој кошмар. Мислам дека проширувањето не е доведено во прашање“, рече албанскиот премиер.