Шведска влегува во НАТО
По долга блокада, унгарскиот парламент конечно го одобри членството на Шведска во НАТО. Сега ништо не стои на патот таа земја да биде примена во Алијансата.
Шведскиот премиер Кристерсон говореше за „историски ден“.
Пред речиси две години, во мај 2022 година, Шведска поднесе барање за членство во НАТО, под влијание на руската агресорска војна против Украина. Сега дојде време таа да стане членка на Алијансата. Како последна земја членка на НАТО, Унгарија со големо мнозинство гласови во парламентот го одобри барањето на Шведска.
На ова му претходеа тешки преговори со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој десничарски популист го блокираше влезот на Шведска во НАТО до самиот крај, веројатно затоа што Стокхолм постојано ја критикуваше неговата политика. Дури минатиот петок, откако шведскиот премиер Улф Кристерсон лично ја посети Будимпешта и по постигнатиот договор за купување и одржување на шведските борбени авиони ЈАС 39 Грипен, Орбан и неговата владејачка партија Фидес се откажаа од својот отпор.
Пред гласањето во понеделникот, 26 февруари 2024 година, можеа да се слушнат многу попријателски тонови од Орбан: „Влезот на Шведска во НАТО ќе ја зајакне безбедноста на Унгарија“, апелираше премиерот до пратениците. Тие го прифатија неговото барање: 188 пратеници гласаа за ратификација, шест беа против, а воздржани немаше.
По гласањето, шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека ова е „историски ден“. „Парламентите на сите земји членки на НАТО сега гласаа за влез на Шведска во НАТО“, објави тој за платформата Екс (поранешен Твитер) „Шведска е подготвена да ја преземе својата одговорност за евроатлантската безбедност“, порача Кристерсон.
„Зеленото светло“ од Будимпешта беше прифатено со одредено олеснување и меѓу другите земји од НАТО: „Патот на Шведска кон НАТО е јасен – тоа е победа за сите нас“, напиша на Екс и германскиот канцелар Олаф Шолц. „Одлуката ја зајакнува нашата одбрана на алијансата, а со тоа и безбедноста на Европа и на светот“. Слична изјава даде и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
По руската инвазија врз Украина, Шведска и Финска поднесоа барање за членство во НАТО. Финска беше примена во Алијансата како 31-ва членка во април 2023 година, додека Шведска мораше да чека со месеци за нејзиното членство да го ратификуваат Турција и Унгарија. Турција се откажа од блокадата во јануари , а Унгарија сега, на крајот на февруари.