„Фајнанс тинк“: Кој најмногу искористи од владините антикризни мерки?
Досегашните три пакети мерки во вредност од над 1,4 милијарди евра со кои Владата се справуваше со енергетската и со ценовната криза во земјава, во одреден дел влијаеле позитивно врз доходот на домаќинствата, но на почетокот, кога повеќето од мерките беа нетаргетирани, најголема корист имале најбогатите, покажува анализата на ефектите од мерките која што ја направи Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think).
Во најновиот бриф за политиките „Ефективни и/или скапи? Дали владините мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата ги заштитија граѓаните?“ се препорачува што поскоро елиминирање на нетаргетираните антикризни мерки, најдоцна до крајот на оваа 2024 година. Исто отака, замрзнувањето на цените на прехранбените производи постепено да се замени со употреба на механизмите на антимонополското законодавство. Доходните мерки е неопходно да се калибрираат потесно, особено во изборна година.
Како што посочуваат од „Фајнанс тинк“ во најновиот Бриф за политиките, резултатите покажуваат дека мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните домаќинства и посебно мерките од последниот пакет кои се во сила во текот на оваа 2024 година. Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки навистина извршиле кај најсиромашните домаќинства.
Меѓутоа, со тоа што значаен контингент од мерките беа нетаргетирани – најмногу мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење итн., тие во голем обем помагаа и на подоходовните домаќинства, кои тој товар можеа да го сносат самите. Ова посебно се однесува на мерките од првиот пакет.
Обемот на ваквите мерки до моментот на пишување на брифот (февруари 2024) значајно се намали – со враќањето на ДДВ за струјата на стандардната стапка, воведувањето блок тарифи, и сѐвкупно со поволните движења на пазарот на електрична енергија; но не исчезна, затоа што сѐ уште е во сила, на пример, субвенционирање на цената на електричната и топлинската енергија, како и замрзнатите цени на основните прехранбени производи.
Земајќи го како валиден аргументот дека замрзнатите цени на производите имаат за цел да спречат нефер трговски практики кои се во корист на производителите и трговците, сепак оваа анализа покажува дека, во обем, овие мерки повеќе им користат на подоходовните слоеви од населението, се вели во анализата.
Дополнително, анализата покажа дека, иако таргетираноста на мерките од третиот пакет што е сега во сила, е најголема од сите три пакети, сепак најмалку две од мерките носат ризик од зголемено буџетско оптоварување кога ќе се споредат со слични-по-дизајн мерки од минатото. Особено, финансиската поддршка за пензионерите останува со релативно широко таргетирање и, според тој дизајн, наликува на предизборна мерка.
Според овие наоди, следниве може да бидат насоки за носителите на политиките:
– Клучно е владата да продолжи со процесот на намалување и елиминирање на нетаргетираните мерки. Со оглед на релативно поволните движења кај берзанските цени на енергентите, фазата на излегување од субвенционирање на цените на електричната и топлинската енергија треба да заврши поскоро а најдоцна до крајот на оваа година.
– Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производиот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
– Во однос на доходните мерки, нивно потесно таргетирање и калибрирање е неопходно за да ја поддржи фискалната консолидација. Ова посебно се однесува на обемот на трошењето за пензии. Дополнување на пензиите, освен кај најниските пензии, надвор од предвиденото законско усогласување претставува ризик за пензискиот фонд и за централниот буџет, воопшто.
Инаку, како што посочуваат од „Фајнанс тинк“, мерките почнаа уште во текот на зимата 2021/22 година, кога македонската Влада прогласи состојба на „енергетска криза“ што овозможи да се префрлат дополнителни средства од централниот буџет кон компаниите за производство на електрична енергија и на централно греење. Овој чекор може да се смета за прв од серијата владини мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата. „Енергетската криза“ беше продолжена во текот на 2022 година, а беше донесен и план за зголемување на домашното производство на електрична енергија за 20% и се воведоа мерки за заштеда на електрична енергија во јавниот сектор за 15%.
Последователно на овие први чекори за справување со ефектите од кризата со цените на храната и енергијата, Владата во текот на самата криза донесе три пакети антикризни мерки, и тоа во март и октомври 2022 и во ноември 2023 година.
Во анализата владините мерки се поделени во три групи: мерки кои директно се припишуваат на кризата со цените на храната и енергијата; мерки кои придонесуваат за справување со кризата, но кои беа присутни и пред неа; и мерки главно неповрзани со кризата.
Првиот пакет мерки од март 2022 содржеше 27 мерки, со проценет финансиски обем од 400 милиони евра. Вториот пакет мерки од октомври 2022 содржеше 19 мерки со проценета вредност од 360 милиони евра, иако само пет од овие мерки беа нови, а останатите 14 повторување на мерките од првиот пакет кои сѐ уште беа во сила за време на објавувањето на вториот пакет. Непосредно по објавувањето на вториот пакет, тој беше надополнет со уште една мерка за повластена цена на електричната енергија на прехранбените фирми.
Третиот пакет антикризни мерки од ноември 2023 содржеше 24 мерки и тежеше 662 милиони евра, но покрај овој буџет, како дел од пакетот беа претставени и три системски мерки за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и на пензиите, со вкупна вредност за 2023 и 2024 година од 516 милиони евра.
Од друга страна, кон последниот пакет мерки се додаде и мерката за замрзнување на цените на избрани основни прехранбени производи која во сила е од крајот на 2023 година, а која формално не беше претставена како дел од пакетот мерки. Од сите мерки од последниот пакет, 10 беа нови, а останатите продолжение или повторување на мерки од претходните пакети.