Кошаркарите на Македонија посакуваат изненадување против Полска
Македонската кошаркарска репрезентација, вечерва од 18 часот, во aрената „Арцелор Митал Парк“ во Сосновиец, и гостува на Полска во вториот натпревар од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2025 година.
На премиерниот меч од квалификациите против Естонија во Скопје, Македонија беше блиску до победата, но на крајот се радуваа гостите кои имаа подобра завршница.
Следен предизвик за нашите најдобри кошаркари е Полска, која веќе има обезбедено пласман на Евробаскет 2025 како еден од домаќините. Двете селекции релативно добро се познаваат, имајќи предвид дека лани одиграа два контролни натпревара во Белград.
– Полска е силна репрезентација, и без оглед што е сигурен учесник на Евробаскетот ќе биде мотивирана да одигра добар меч на домашен терен. Борбеноста мора да биде највисоко ниво, ќе мораме да се бориме за секоја топка за да имаме шанса да забележиме позитивен резултат, изјави Американецот Итан Хап пред првото гостување.
Покрај мечот Полска – Македонија, вечерва во истиот термин (18 часот) ќе играат Естонија и Литванија.