Претседателските кандидати на ДУИ, Движењето ЗНАМ, Левица и ГРОМ за три дена имаат собрано најмногу потписи од вкупно единаесеттемина подносители на кандидатури за претседател на државата кои собираат по 10 илјади граѓански потписи за да може да настапат на претстојните избори.
Ова го покажуваат последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со 25 февруари до 20 часот.
Досега ниту еден од кандидатите ги нема собрано потребните 10 илјади потписи кои им се потребни на вонпарламентарните и партиите/коалициите кои имаат помалку од 30 пратеници во Собранието за да може да номинираат свој кандидат на претседателските избори.
Најблизу до потребните 10 илјади потписи е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Тој до вчеравечер собрал 8 560 потписи, а му недостасуваат помалку од 1 500 потписи за да ја официјализира претседателската кандидатура.
Следен по број на собрани потписи е кандидатот на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, кој е и претседател на овој политички субјект. Заклучно со вчера до 20 часот Димитриевски собрал 5 923 потписи, односно повеќе од половина од потребните 10 илјади.
За претседателската кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, која е трета по број на собрани потписи, заклучно со 25 февруари се потпишале вкупно 4 478 лица.
На четврто место е кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со собрани 3 091 потпис заклучно со вчеравечер.
Над илјада потписи во изминатите три дена добил и кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, односно вкупно 1 645.