Земјоделците од северниот дел на Грција за денеска напладне закажаа протест на двата гранични премини со Македонија.
На граничниот премин „Евзони“ („Богородица“) грчките земјоделци ќе одржат собир кој ќе започне околу 13 часот по локално време, односно околу 12 часот по македонско време. Се очекува дека сообраќајот на овој премин да биде блокиран неколку часа. Преминот „Ники“ („Меџитлија“), пак, според локалните медиуми, ќе биде затворен во периодот од 12 до 16 часот по грчко, односно од 11 до 15 часот по македонско време.
Во моментов на Евзони се паркирани околу 100 трактори и 5 комбајни.
Според најавите, се очекува големо учество на земјоделци со земјоделски возила, а блокадата ќе трае се додека не заврши протестот.
По големиот протест во вторникот во Атина, кога земјоделците рекоа дека секој блок посебно ќе ги одреди своите чекори, земјоделците од Северна Грција се најактивни.