ТИРЗ: Скопје се искачи на прво место како најрентабилен европски град со средна големина за инвестирање
Скопје се најде на врвот на ТОП 10 европски градови со средна големина според ефективноста, односно рентабилност за инвестирање на рангирањето кое го прави економското списание ФДИ интелеџенс, дел од реномираниот меѓународен весник за економија, Фајненшл Тајмс.
Ова е скок од четврто место на кое беше главниот македонски град на минатогодишното рангирање.
Годинава и регионот на Скопје исто така се најде меѓу првите десет мали европски региони кои го носат епитетот „градови и региони на иднината“ во однос на бизнис клима и инвестирање. Од главните градови во соседството, Софија е рангирана на 2 место во категоријата на рентабилност, а Белград е рангиран на 8 односно 9 место во категориите рентабилност и деловна клима.
На рангирањето што ова списание го прави секоја година се рангираат градови и региони од Европа според привлечноста, поволна бизнис клима како и можности за странски инвеститори. Рангирањето се прави според учиникот и перформансите во следниве пет поткатегории: економски потенцијал, човечки капитал и начин на живот, поврзаност, поволна бизнис средина и економичност.
Годинава тимот експерти на фДИ и Фајненшал Тајмс го направи изборот меѓу 330 градови и 41 региони.
Најголем дел од странските инвеститори се во технолошко индустриските зони во Скопје.
ТИРЗ со новиот пристап за привлекување на инвестиции кој го спроведува во последниве три години резултираше во постигнати инвестиции од над 1 милијарда евра, што е еднакво на вкупниот обем на инвестиции од 2006 до 2019 година. Во 2023 се потпиша и договорот за најголемата странска гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата, тајванскиот гигант „Јагео“ со договор вреден 205 милиони евра.
Ефектот од странските инвестиции носи и директните придобивки за граѓаните. Просечната плата во Зоните веќе во октомври 2023 година надмина 40.000 денари што е двојно повеќе споредено со 19.000 во 2016 година, a бројот на работници се искачи на 18 000 што е трипати повеќе споредено со 6 000 во 2016 година.