Во Белорусија денеска се отворени избирачките места за парламентарни и локални избори на кои граѓаните избираат 110 пратеници во Народното собрание и 12.514 советници на локални избори на 5.411 избирачки места, кои ќе бидат отворени до 20:00 часот. Според последните достапни податоци, во избирачките списоци се запишани 6.911.742 лица.
Повеќето од кандидатите се членови на четирите официјално регистрирани партии: Белаја Рус, Комунистичката партија, Либерално-демократската партија и Партијата на правото и правдата.
Сите четири партии ја поддржуваат политиката на претседателот Александар Лукашенко, додека десетина партии не можеа да се регистрираат минатата година.
Белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановска, која е во егзил во соседна Литванија, откако ја оспори победата на Лукашенко во 2020 година, ги повика гласачите да ги бојкотираат изборите.
Денешните избори се прво гласање во Белорусија од 2020 година, кога Лукашенко го освои шестиот мандат, по што имаше протести на незадоволни демонстранти, кои ја оспорија регуларноста на гласањето.
Двојните избори се одржуваат во согласност со изменетите делови на Уставот, кој беше сменет во 2022 година.
Овојпат истовремено се избираат членови на парламентот и на месните комисии, а нивниот мандат ќе трае пет години. Повеќе од 45.000 домашни набљудувачи ќе ги следат изборите, како и 300 меѓународни, главно членки на Заедницата на независни држави, со исклучок на Молдавија и Украина.