Инфлуенсерката Миа Костова собра 450.000 денари за лекувањето на Леонид Индов

Познатата инфлуенсерка собира пари за болното момче

Миа Костова преку своите профили на социјалните мрежи и заедно со своите фанови и фирми со кои што соработува успеа да собере преку 450.000 денари за само два дена.

Овие пари Миа ги собира за лекување на младиот Леонид Индов, 18 годишното момче кое по трагичен несреќен случај стана квадриплегичар и сега се соочува со најтешката битка во својот живот.

Леонид во јули 2023 година доживеа тешка незгода при скок во вода за време на летувањето во Грција што остави сериозни последици по неговото здравје. Тој не е во можност самостојно да дише туку тоа го прави со помош на механичка вентилација, а востановена му е дијагноза квадриплегија (Quadriplegia) со потполна парализа на нозете и рацете. За неговото понатамошно лекување се препорачува клиника во Австрија која има програм прилагоден за неговите потреби.

Но за ова лекување потребни се финансиски средства, па семејството на Леонид се обраќа до сите хумани луѓе што можат да помогнат во собирањето на донации како тој би можел повторно да оздрави и да му се врати на животот што го имаше пред несреќата.

Во хуманитарната акција се вклучи и Миа Костова, која за само два дена успеа да собере 450.000 денари.

Таа пред два дена на социјалните мрежи објави дека започнува хуманитарна акција за Леонид преку Инстаграм.

„Ве молам изгледајте ми ги последните сториња и помогнете ми да собереме што е можно повеќе пари!“ напиша тогаш таа, а следниот ден објави:

„За 5 часа околу 250 донации! Уште немаме увид во продажба но, не можам да ви објаснам колку сум горда на овие хумани луѓе, мали бизниси, разни услуги и нивната несебичност! Прекрасни сте, далеку сме од вкупната потребна сума, ама и ова што ќе се собере за 2 дена, немаше да се собере никако поинаку ❤️ImageФала ви и на трпението , одвај успевам да отворам сѐ, блокирана сум за тагови, ќе ве споделувам цел ден. Сѐ она што поминува како понуда барајте го во хајлајтс на профил под име ‘Леонид’ Ви се поклонувам на сите до еден!“ напиша тогаш Миа, за да пред само неколку часа повторно се огласи и го сподели следниот коментар со своите фанови.

„Вчера и денес сме собрале околу 450.000 денари! Чисто да знаете каква сила сте! Ви благодарам по милионити пат на сите што дониравте и купувавте! Најголемата онлајн продавница за донации ќе е отворена до недела. Имате време да најдете нешто за себе и да донирате за Леонид! Барајте ги понудите во хајлајтс со наслов Леонид, пишува во објавата на познатата инфлуенсерка на Фејсбук и Инстаграм.