Трипуновски обелодени скандал во земјоделството: Голем дел од инвестициите воопшто не биле исплатени
Цветан Трипуновски, дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, откри голем скандал. Огромни суми на пари наменети за субвенции за земјоделците во Македонија, од страна на оваа Влада воопшто не биле исплаќани.
-Кога зборувам за разочарувањето на земјоделците од оваа Влада и министерството, сакам да споделам еден податок и да го поткрепам ова разочарување кое го имаат. Во програмата за финансиска поддршка за 2024-та година, во мерка 11, заостанати обврски по мерки од програми од претходни години, има една фрапантна бројка од 3.400.000.000 денари, тоа се некаде над 50 милиони евра заостанати субвенции од претходни години, од 2020-та до 2023-та година. Тоа што цело време апелираме субвенциите да бидат навремени за земјоделците да имаат доверба во институциите, се потврдува со фактот дека субвенциите во најголем дел НЕ се исплатени кон земјоделците. И замислете во тешка економска состојба, со зголемени инфлации, со трошоци за производство, нафтени деривати и така натаму, вие имате субвенции кои што не се исплатени. Затоа велам дека земјоделците се разочарани од институциите и не ги добиваат сите оние услуги и мерки, истакна тој.
Трипуновски открива дека ако во 2016-та-2017-та година имало над 95.000 земјоделци апликанти за поддршките кои МЗШВ ги имало во тоа време, во 2023-та година во истите тие апликации за мерките и програмите имаат аплицирано некаде околу 65.000 земјоделци, што е сериозно намалување на бројот на земјоделци кои се занимаваат со земјоделство.
Тоа значи околу 30.000 земјоделци помалку. Ова, според Трипуновски, е сериозен удар бидејќи изминативе години сите погрешни политики и задоцнети мерки, ненавремено ангажирање на ресорното министерство и Владата, значи разочарување и напуштање на нивите ширум Република Македонија.
Со дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, во интервју за КУРИР разговаравме за повеќе теми во областа земјоделие.