„Холандија сè уште не е подготвена да се откаже од нафтата и гасот од Русија, но ќе работи на транзицијата на земјата кон зелена економија“. Ова денеска го изјави холандскиот премиер Марк Руте пред средбата со францускиот претседател – Емануел Макрон во Париз.
„Треба да разговараме и за нашата ранливост во однос на зависност од руските испораки на нафта и гас. Не би повикал да се откажеме од нив, ни требаат, ова е непријатна вистина, но можеме да направиме повеќе за да постигнеме напредок за еколошката програма и намалувањето на емисиите на јаглерод што ги произведува нашата економија“ рече Руте.
Тој претходно изјави дека поради војната во Украина изминатите денови значително пораснаа цените на енергијата и на горивата и оти холандската Владата сè уште размислува за мерки за минимизирање на последиците за граѓаните.
„Практично е незамисливо да се спречи опаѓање на куповната моќ на домаќинствата оваа година, да се дадат гаранции би било илузорно“ рече Руте.