На екс премиерот Ковачевски не му е незгодно што побарал апанажа, тврди дека се е според закон

Димитар Ковачевски – екс премиерот и актуелен лидер на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Желино, на прашање дали му е незгодно што побарал апанажа, рече дека се е според закон.

„Јас бев претседател на Владата во исклучително тешко време, својата функција ја обавував согласно законот на РСМ, согласно законот за Влада и согласно законот за избори поднесов оставка. Сите одлуки коишто се носени после тоа во однос на примањата на функционери кои извршувале такви функции се направени согласно законот. Сметам дека сите треба да ги почитуваат законите и токму како резултат на законите коишто се почитуваат имаме зголемување на просечната и минималната плата во односн на 2016 и 2017 година. Тоа не се коментира, тоа е законско решение“, рече Ковачевски.

На забелешката дека апанажата ако не се побара, нема да се добие, тој потенцираше дека нема свои компании.

„Јас бев обвинуван дека сум имал свои компании, тоа опозицијата постојано го истакнуваше, но се потврди, дека јас немам свои компании, тоа било лага“, рече Ковачевски.

„Мандатот на претседател на Влада и на членови на Влада завршува на сто дена пред избори, што значи било кој министер и претседател на Влада, согласно законот е поднесена оставката, таа е заради исполнување на законската обврска мандатот на престане на 100 дена од одржување на изборите. Со тоа завршува мандатот, било кој да бил претседател на владата, неговиот мандат завршува на сто дена пред избори“, објасни тој.

Смета дека треба да следува апанажа, за да може да се искористи одреден временски период да се направи трансфер во кариерата.

„Доколку некој извршувал општествена функција, треба да следува апанажа да може да искористи одреден временски период својата кариера да ја насочи кон некоја друга“ одговори Ковачевски.