Славески: Да се прифатат мерките на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски предложи комплициран модел

„Со најновите поскапувања во тековниов месец, кои никако да сопрат, најверојатно трендот на пораст ќе продолжи и ќе дојде до забрзана инфлација која станува двоцифрена. Ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови во маркетите, недостиг на нафтени деривати и колони пред бензинските пумпи, сме немале ниту за време на воениот конфликт од 2001 година, ниту за време на жестоката финансиска криза и рецесијата од 2007 – 2009 година. Владата галопирачката инфлација ја објаснува со надворешните фактори и влијанија. Не ќе да е така!“.

Ова денеска на прес-конференција го изјави членот на ИО на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.

„Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата. Што да се каже за мерката намалување на ДДВ за централното греење, електричната енергија и одредени видови основни животни намирници. Ако мерката за намалување на акцизата е премалку, ова намалување на ДДВ сигурно доаѓа предоцна. Покрај ова, некои мерки кои одамна се во сила, беа промовирани како нови, како што е на пример додатокот за енергетска сиромаштија кај примателите на социјална помош и слично“ вели Славески.