ВМРО-ДПМНЕ бара намалување на акцизите на горивата за 50% и 0%ДДВ на сите производи за исхрана

„Овој народен грабеж треба и мора веднаш да престане. Власта мора да реагира веднаш. Се’ што треба власта да направи е да престане безочно да ги лаже граѓаните и да ги прифати предлозите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за намалување на акцизите на горивата за 50% и намалување на ДДВ-то на сите производи за исхрана од 5% на 0%“. Ова меѓудругото денеска на прес-конференција во Собранието го изјави Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека одбивањето на предлозите на партијата „претставува класичен грабеж и дрско игнорирање на барањата на граѓаните и стопанството“.

„Наместо да слушаме нелогични оправдувања и изговори, бараме овие два предлог-закони кои што се влезени во Собрание, веднаш и уште денес да се стават на нова и итна пленарна седница. Доколку постои искрена желба, технички може да се направи тоа и веднаш да се закаже нова пленарна седница. Господо од власта, граѓаните немаат повеќе трпение за Вашите штетни и погубни економски лекции и мерки. Граѓаните не сакаат повеќе да слушаат приказни како „блескаме“ и како „се’ е под контрола“. Граѓаните само бараат подобрување на стандардот и крај на оваа народна пљачка“ рече Мицевски.

Координаторот во име на пратениците од опозициската партија им порача на колегите од СДСМ:

„Престанете веднаш со грабежот на својот народ и уште денес откажете се од акцизите на горивата и ДДВ-то на сите производи за исхрана“.