Гервала бара Германија да го „отстрани“ амбасадорот од Косово – „многу се мешал“ и пишувал на платформата „Х“
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Косово, Доника Гервала побарала од Германија да го отстрани од Косово досегашниот германски амбасадор Јерн Роде, дознава Албаниан пост од свој извор.
Извор во Министерството за надворешни работи на Косово информира дека барањето на Гервала било упатено при нејзината последна посета на Берлин, каде покрај средбата со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Германија , Михаел Рот, таа се сретнала и со министерот за одбрана на Германија, Борис Писториус.
На средбата со Писториус одржана на 31 јануари, пред неговата посета на Приштина, Гервала ги изразила своите поплаки за Роде и неговата работа во Косово, пренесува KoSSev.
Истите извори појаснија дека Гервала се пожалила дека дипломатот што ја претставува Германија на Косово „многу се меша“ и многу пишува на платформата „Х“.
„Тој пишува за работи за кои не треба и треба да го напушти Косово“, било барањето на Доника Гервала.
Но, Роде не е единствениот Германец за кој се жалеше Гервала.
Со оглед на тоа што и самата е германска државјанка, повеќе како државјанин на Германија, а помалку како дипломат на Косово, таа го изрази своето негативно мислење и за германскиот пратеник за Западен Балкан – Мануел Сарацин.
Ова не е првпат Гервала да ги критикува западните дипломати и нивниот пристап кон Косово. Во некои случаи таа јавно ги искажуваше своите ставови.