Сопругата на Навални најави дека ќе ја продолжи неговата битка

„Ако решат да ме убијат, тоа значи дека сме неверојатно силни и треба да ја искористиме оваа моќ“. Оваа порака пред 4 години им ја упати на Русите опозиционерот Алексеј Навални доколку биде убиен поради предизвикување на претседателот Владимир Путин.

Жестокиот критичар на рускиот претседател почина во петокот во арктичката казнена колонија каде што издржуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам.
Неговата смрт предизвика обвинувања ширум светот дека тој е убиен.

– Злобно и кукавички, тие сега го кријат неговото тело, не ѝ го покажуваат на мајка му, не ѝ го даваат и патетично лажат и чекаат да исчезнат трагите од уште еден путинов Новичок. Знаеме зошто точно Путин го уби Алексеј пред три дена, наскоро ќе ви кажеме, дефинитивно ќе дознаеме кој точно и како точно го извршил ова злосторство, ќе именуваме имиња и ќе покажеме лица, изјави Јулија Навални.

И додека неговата мајка во Русија трага по неговото тело, сопругата од Брисел, каде што се сретна со министрите за надворешни работи на земјите членки, порача дека ќе ја продолжи неговата работа и ќе се бори за земјата. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави и санкции за одговорните за неговата смрт.

„Да, земјите-членки сигурно ќе предложат санкции против одговорните што го сториле тоа. Најголемата одговорност е кај самиот Путин. Но, можеме да одиме преку институционалната структура на казнено-поправниот систем во Русија. Но, не заборавајте кој е вистинскиот одговорен за смртта на Навални, изјави Борел, шефот на европската дипломатија.

Од друга страна, од Кремљ пристигна осуда за обвинувањата дека Путин е одговорен за смртта на опозицискиот лидер.

„Овие изјави секако не можат да нанесат никаква штета на шефот на нашата држава. Но, да речеме, тие апсолутно не им доликуваат на оние што даваат такви изјави, порача портпаролот на Кремљ, Песков.

Песков додаде дека истрагата за причините за смртта на Навални е во тек и се спроведуваат сите неопходни дејствија на овој план.