Енди Мареј – некогаш најдобриот светски рекет објави дека парите што ќе ги заработи од наградните фондови на турнирите на кои ќе настапи до крајот на сезоната ќе ги донира за Украина, преку УНИЦЕФ.
„Целата моја парична награда до крајот на годината ќе ја донирам. Меѓутоа, сите жители на Велика Британија, исто така, можат да ја поддржат хуманитарната акција на УНИЦЕФ така што ќе одговорат на нашиот повик за донации“ – објави Мареј.
Од Украина како последица на руската инвазија, според податоците на УНИЦЕФ, избегаа стотици илјади деца.
„Повеќе од 7.5 милиони деца се наоѓаат во опасност поради ескалацијата на судирот во Украина и затоа соработувам со УНИЦЕФ за да можам да помогнам и испратам медицинска помош и да го помогнам развојот во раното детство“ – соопшти Мареј.