Рустеми: Изградбата на автопатот Кичево – Охрид е лош проект, но враќање назад нема

Автопатот Кичево – Охрид е типичен пример за тоа како не треба да се влегува во реализаија на еден проект кој е лош, но иако ги разгледувавме сите можности, кога ќе се дојде до 80% реализација на проектот, нема враќање назад, вели директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми во интервју за РСЕ.

Според него единствено што преостанува е да се размислува за тоа како овој проект ќе се заврши, оти со појавувањето на големиот број свлечишта на места кои претходно биле проектирани два пати, тој како директор сноси и правна одговорност. Затоа, вели, ќе е ангажира и надворешен експерт кој ќе треба да изнајде техничко решение за стабилизирање на косините бидејќи патот кој треба да се пушти мора да биде максимално безбеден.

„Значи не можеме да кажеме дека ништо не преземаме, ние ги преземаме сите можни мерки за што побргу да се санира тој проект. За тоа ви реков дека ова не го кажувам јас како директор на ЈПДП, туку тоа го кажуваат експертите и го кажува Државниот завод за ревизија, дека кога имаш таков лош проект и кога влегуваш на таква реализација, не можеме да се повлечеме туку мора да го завршиме“ – вели Рустеми.

На новинарска констатација дека Рустеми е дел од извршната власт веќе долго време и дека тој не може да се изземе од проектот кој започна во времето кога на власт беше коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, тој вели дека како директор на ЈПДП ги затекнал проблемите во 2020 година и дека претходно како пратеник ги немал сите информации со кои располага сега како прв човек на државни патишта.

„И уште една новина да ви кажам за овој проект, сега е проектиран за брзина на возење со 100 км/час. Значи ние треба да реализираме каде имаме автопат брзината ќе биде 100 км/час“ – кажа Рустеми.