Славонски Брод има најзагаден воздух во Европската Унија, покажаа анализите на Европската агенција за животна средина, а жителите на овој хрватски град со децении бараат помош од самиот врв на тамошната политика.
Анализата на Европската агенција за животна средина покажа дека небото над Славонски Брод е најзагадено во Европската унија и дека е полно со опасни лебдечки ПМ2,5 честички.
Само оваа зима Брод 11 пати бил во виолетова боја, што е највисоко ниво на загаденост, велат од здружението на граѓани кое се залага за чист воздух.
„Минатата година Славонски Брод заврши на неславното прво место во Европската Унија. Зад нас остана Nowy Sącz од Полска, кој беше претходниот шампион“, објасни Петар Тот-Ѓерѓ, в.д. претседател на Еко-Интегралното здружение за ТВ Дневник Нова.
Никој со сигурност не може да каже зошто има толкава концентрација на опасни честички во воздухот. Веднаш преку реката Сава во Босански Брод се наоѓа рафинерија за нафта.
Таа рафинерија се сметаше дека е причина за сите проблеми со загадувањето во Славонски Брод. Сепак, рафинеријата одамна не работи или барем така се мисли.
„Не можам да го кажам тоа, но имам информации дека не функционира“, изјави градоначалникот на Славонски Брод, Мирко Дуспара.
Претпоставката е дека 40 отсто од загадувањето доаѓа од БиХ, а друг голем фактор е непосредната близина на автопатот.
За да се намали загадувањето, Славонски Брод поставува гас во градинките и училиштата, гради велосипедски патеки, еколошко осветлување. Но, тоа не е доволно.