Автобусите на ЈСП денеска ќе сообраќаат по скопските улици и покрај вчерашната најава на Синдикатот на Јавното сообраќајно претпријатие оти во текот на денешниот ден нема да има градски превоз.
Во изјава за МИА, претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски, вели дека недоразбирањата околу исплатата на јануарската плата за вработените во претпријатието се надминати и оти платите ќе ги добијат денеска.
Додава дека автобусите ќе сообраќаат вообичаено, јавниот градски превоз ќе функционира нормално.
„Надминати се надоразбирањата околу личниот доход и вработените денеска ќе ја добијат јануарската плата. Во интерес на нашите корисници на услуги, ќе ја сервисираме нашата обрска кон нив редовно, со сите автобуси предвидени за јавен градски превоз“ – изјави утрово претседателот на Синдикатот на ЈСП „Скопје“.
Стојановски изрази надеж дека со ова ќе завршат сите недоразбирања и дека граѓаните, како што вели, нема повеќе да се занимваат со вработените на ЈСП „Скопје“, нивните работни обврски и плати.
Вчерашната најава на Синдикатот на ЈСП беше дека денеска градските автобуси нема да сообраќаат поради задоцнетите јануарски плати на вработените. Подоцна вчера, од Јавното претпријатие преку соопштение објавија дека платите на вработени не доцнат и обвинија дека постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза.