Претседателот на Собранието, Јован Митрески ги распиша 7-те претседателски и 11-те парламентарни избори кои ќе се одржат на 24 април, односно на 8 мај.
Нов претседател и нов пратенички состав. Во 2024-та година граѓаните одново ќе го имаат демократското право да излезат на гласање и да одберат кој ќе застане на клучните позиции во државата.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска ги распиша изборите. Првиот круг на претседателските избори е на 24 април, додека вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори е на 8 мај.
Собранискиот спикер очекува нашата држава да покаже демократска зрелост за распишување на овие избори.
Верувам дека во предизборниот период сите надлежни институции, но и сите инволвирани субјекти ќе придонесат да имаме фер и демократски процес на ниво што го заслужува една демократска држава, членка на НАТО, земја која е на пат кон членство во ЕУ. Северна Македонија, со последните изборни циклуси, покажа дека може да организира демократски избори во согласност со европските стандарди, рече Јован Митрески.
Во меѓувреме, актуелни се преписките во ДИК. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ смета дека отворени се можностите на Комисија да се реши овој проблем.
Партиите се уште без деталите за претседателски кандидат. Од ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште без конкретно име, но најавија дека кандидатот ќе се бира на внатрепартиски конгрес. Од редовите на СДСМ се „кршат копјата“ меѓу Стево Пендаровски и Оливер Спасовски. Конкретно досега со кандидат излегоа од Левица, а за оваа позиција ќе „трча“ професорката Билјана Ванковска.
Од албанскиот политички корпус има шпекулации дека ДУИ ќе го поддржи кандидатот на СДСМ. Во случај да не го поддржи кандидатот на СДСМ, единствено актуелно е името на Бујар Османи. Од обединетата албанска опозиција веќе со недели е актуелно името на Арбен Таравари, но откако се испостави дека тој не агитира на оваа позиција се јави името на Билал Касами.
Што се однесува до парламентарните избори, според сите анкети во голема предност е ВМРО-ДПМНЕ.