Се спрема епски криминал на бегање, повеќе од 140 милиони евра тендери се подготвуваат во РЕК Битола, околу 6 милијарди денари за увоз на јаглен и околу 3 милијарди денари со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола. Однапред ќе ви кажам дека тие две јавни набавки ќе ги добијат фирми кои ги знаете и кои се омилени фирми на неколкумина од власта, предводени од ДУИ и СДС, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски појасни дека власта на бегање ќе распише тендер за набавка и увоз на јаглен од 6 милијарди денари што еднакво на 100 милиони евра и ќе доделат тендер за ископ на јаглен и јаловина на омилената фирма на еден конзул на една источна земја.
– Бидејќи се европски фронт ама не им смета да доделуваат вакви јавни набавки на конзули на источни земји кои имаат санкции од ЕУ во вредност од 40 милиони евра или со се ДДВ близу 50 милиони евра. Апелирам луѓето кои се во ЕЛЕМ, генералниот директор и вработените и во рудникот и во термоелектраната, лично за неколку месеци од денеска ќе се занимавам со овие две јавни набавки и јас им ветувам дека секој кој ќе стави потпис на оваа јавна набавка ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе одговара за тоа што го пљачка народот за да ги полни џебовите на малкумина кои се спремаат да бегаат после 8 мај, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека има големо искуство и знаење во делот на енергетиката и точно знае што прават од власта и што подготвуваат да направат, како и тоа дека нема да им дозволи овој сиромашен народ дополнително да биде пљачкан од овие политички криминалци кои се во заминување.
– Апелирам и ги предупредувам раководните лица на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ и раководните лица на РЕК и сите оние кои ќе стават потпис на овие јавни набавки дека ќе одговараат за соучество. Да не дозволите малкумина кои ги полнат торбите со милиони народни пари и се подготвуваат за бегање после 8 мај, да ве стават вас и вашите семејства во проблем. Ова не е закана, ова е предупредување и ако се случи лично ќе се занимавам, изјави Мицкоски.