На социјалните мрежи се појавија огласи за продажба на налепници со „НМК“ за регистарските таблички на возилата. Дел од нив се продаваат за 50 денари, што значи дека со 100 денари може да купите две налепници, по една за предната и една за задната регистарска табличка.
Налепници се продаваат и на страниците со огласи, како и се нудат опции за праќање по карго.
Во последните денови можеше да се забележат колони од возила во станиците за технички преглед. Mетеж има за издавање на налепницата со ознаката „НМК“, но и за замена на сообраќајните дозволи кои се услов за да се добие налепницата. Беше најавено дека налепниците се бесплатни.
Техничкиот министер Тошковски изјави дека околу 350.000 налепници се издадени и дистрибуирани до станиците за технички прегледи.
За да се издаде налепница „НМК“, услов е граѓаните да имаат сообраќајна дозвола со новото уставно име, додека замената на назнаката „НМК“ е бесплатна. Возачките дозволи за домашна употреба ќе важат до 31-ви декември.