Врховниот суд во Хрватска ја укина пресудата на поранешниот хрватски премиер – Иво Санадер за злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија денеска од судот, јавуваат хрватските медиуми.
Во соопштението, во кое официјално не се наведува името на осудениот, се наведува дека тој се товари дека како преговарач од хрватската Влада зел провизија од 3,6 милиони куни (околу 475.000 евра) за склучување договор за заем и за влез во странска банка на хрватскиот пазар.
Хрватските медиуми потсетуваат дека станува збор за случајот „Хипо“.
Врховниот суд ја прифатил жалбата на осудениот и ја укинал пресудата, а предметот е вратен пред Жупанискиот суд во Загреб, каде била донесена првостепената пресуда, за повторување на процесот.
Осудениот се товари дека ја искористил воената состојба за да земе провизија при склучувањето на тој договор.
Врховниот суд утврди дека првостепениот суд не успеал правилно да го утврди начинот на кој дејствијата на обвинетиот имале штетно влијание врз материјалните услови за живот на населението во војната и врз економскиот потенцијал на државата и другите имотни интереси или економскиот потенцијал на државата во војната.