Милановиќ: Во БиХ не може да дојде до ескалација!

„На зголеменото присуство на ЕУФОР во Босна и Херцеговина не треба да му се придава посебно значење и не може да дојде до ескалација што би се претворила во вооружен конфликт“. Ова денеска го изјави претседателот на Хрватска – Зоран Милановиќ, додавајќи дека изјавите на Милорад Додик за отцепување се „политичка реторика“.

Европската Унија минатата недела одлучи да ги зголеми силите на ЕУФОР од 600 на 1.100 војници со испраќање од Австрија, Бугарија, Романија и Словачка за да се спречи потенцијална нестабилност по руската инвазија на Украина.

Франција во саботата објави дека ќе спроведе летови за обука над БиХ поради влошената меѓународна безбедносна ситуација.

„Тоа е зголемено присуство поради тензиите и ужасите од војната, но на тоа не му придавам посебно значење. Верувам дека нема начин да ескалира во вооружен конфликт“ – рече Милановиќ.

Тој нагласи дека ситуацијата во соседната земја не може да се спореди со онаа во Украина, бидејќи „нема војници, нема тенкови“ во БиХ.