Таравари: Ако некој мисли дека партијата е нечија сопственост, нема проблем, ќе му ја однесеме дома

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вечерва од Гостивар порача дека по 24 години промените во албанскиот блок мора да се случат. Тоа, според него, е главната порака од партискиот собир под мотото „Промената започна“. Тој најави дека идната недела ќе се сретне со лидерите на опозициските партии од албанскиот блок за да дефинираат заедничка платформа.

„Сѐ уште немаме платформа со опозициските партии. Оваа недела јас сакам да го слушнам и народот во неколку градови. Затоа бевме и во Куманово. Кај луѓето има позитивна енергија. Следната недела може ќе се сретнам со претседателите од албанските опозициски партии, да седнеме да разговараме и да одлучиме кога би направиле официјална коалиција со некоја платформа,“рече Таравари.

На прашањето дали ќе формира нова партија, по одлуката на Централното собрание да го разреши, Таравари вели дека партијата не е во ничија сопственост.

„Алијанса за Албанците, ако е сопственост нечија, нека излезе и нека рече оваа партија е моја, ја донесов од дома, ќе му ја однесеме и ќе му ја вратиме. Ама партијата е на гласачите, на членството, на луѓето кои ја поддржуваат. Ако некој смета дека е сопственост, нема проблем, ќе му ја однесеме дома“, вели Таравари.

Претходно на Централното собрание на Алијансата за Албанците кое се одржа во Скопје беше донесена одлука за разрешување на Таравари од претседателската позиција во партијата. Како што изјави претседателот на Централното собрание, Зијадин Села, одлуката била донесена со 106 гласа „за“, од вкупно 108 присутни.

„Како резултат и последица на оваа одлука, другата точка беше да се оди на конгрес, кој ќе се одржи на 18 февруари и ќе се одлучува за иницијативата која ја донесе Централното собрание на Алијансата за Албанците, а тоа е разрешување на претседателот на партијата Арбен Таравари, поради грубо кршење на статутот на партијата“, рече Села.