Бујар Османи – министерот за надворешни работи денеска информираше дека се утврдени предлозите за амбасадори на земјава во Бугарија, Канада и во ООН.
„По добиените агремани и потпишаниот указ од страна на претседателот Пендаровски, сакам да информирам дека се утврдени следните предлози за амбасадори: Агнеса Руси Поповска за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Република Бугарија, Агрон Буџаку за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Канада и Љубомир Данаилов Фрчкоски за вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Организацијата на Обединетите нации. Со ова, бројот на пополнети места – амбасадори и генерални конзули, во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, за време на мојот мандат се зголеми на 24“ – објави Османи на неговиот официјален Фејсбук профил.
Процесот на пополнување на испразнетите амбасадорски места ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Министерството за надворешни работи – стои во објавата на Османи.