Алијанса на Таравари вечерва одржува средба со членството во Куманово

Расколот во Алијанса ја подели партијата на два дела, Алијанска предводена од претседателот на партијата Арбен Таравари и Алијанса која дава поддршка на политиките на екс претседателот Зијадин Села.

Претходните шпекулации за длабока поделеност во партијата излегоа на виделина откако двајцата сопартијци влегоа во отворена медиумска војна.

Изминатиот период секојдневно се „пеглаа“ разликите меѓу двете страни за тоа кој е исправниот пат по кој треба да се движи партијата, дали на престојните избори да и се приклучи на албанската опозиција, или да настапува самостојно.

Одлуката на Таравари да собира потписи за поддршка на неговиот став го разлути Села кој пак обвини дека со тоа се врши кршење на статутот на парламентарниот субјект.

За утре повика централно собрание на кое рече дека ќе се бара одговорност и разрешување на актуелниот претседател.

Но Таравари го претрка и за денеска во Куманово го повика членството за да ја потврди поддршката за неговата одлука.

Пред вечерашнава средба на членовите на Централното собрание на Алијанса за Албанците со партискиот лидер Арбен Таравари со свој коментар излезе министерот Фатмир Меџити, кадар на оваа партија. Според него, присуство на средбата најавиле 83 членови на Собранието.

„Алијансата за Албанците има легитимно членство, има легитимно избрани тела и како што знаете, легитимен претседател на Алијанса за Албанците е Арбен Таравари. Собравме 83 членови на Централното собрание и мислам дека тука нема сомневања“, порача Меџити.

Меџити претходно денеска изјави дека станува збор за уште еден „Тројански коњ“ кој им го поставиле од ДУИ но нагласи дека овојпат оваа тактика нема да им успее.

Нетрпението меѓу двете страни кулминираше и со барање за разрешување на функционери на партијата кои отворено изразија поддршка на ставовите на Таравари но и лица поставени на директорски позиции.

Крилото на Таравари обвини дека се вршат притисоци врз членството кое се злоупотребува за лични интереси.

На ова претходеа и физички пресметки и закани за ликвидации.