Антикорупциска се комплетираше, новиот состав даде свечена заклетва

Новиот состав антикорупционери денеска даде свечена заклетва дека ќе води битка со корупцијата во државата.

Новата претседателка на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска која доаѓа од позицијата државен ревизор, уверува дека ќе работи независно и објективно, и нема да дозволи притисоци и влијанија.

Прашана дали стравува дека ќе продолжи трендот на непроцеуирање случаи во кои беше констатирана корупција, како што беше случај со досегашното работење на ДКСК, новата претседателка истакна дека ДКСК сами како институција не се доволни за да се заштити државата од корупцијата која е генератор на многу проблеми во општетството.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски во изјава за Телевизија 24 вели Комисијата за заштита од корупција ја има клучната улога во откривање на корупција, но како понатаму ќе се одвива процесот зависи од многу други клучни фактори.

Државната комисија за спречување корупција е единствена каде функционерите немаат право на реизбор. Поранешната претседателка Ивановска пред истекот на мандатот рече дека решиле доволно предмети со назнаката „корупција“, но поразително е што ниту еден не е процесуиран од Државното обвинителство до надлежен суд, односно од над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од Комисијата во последните дваесетина години, ниту еден предмет освен Бачило не стигнал на суд.

Втор предизвик кои Комисијата го имаше зацртано пред себе а не успеа да го реализира до крај е носењето на Закон за потекло на имот.