Полициски инспектор во БиХ уби жена во трговски центар

Синоќа околу 21 часот имало пукање во трговскиот центар Брчанска Малта во Тузла. Аваз пишува дека полициски инспектор убил жена.

„Вечерва околу 21:00 часот било пријавено дека машко лице употребило огнено оружје, при што женско лице се здобило со повреди од кои подлегнало“, информираа синоќа од Полициската управа на Министерството за внатрешни работи.

„По што со брза интервенција на полициски службеници бил пронајден и одземена му е слободата. Истрагата на лице место ќе ја вршат кантоналниот обвинител и полициски службеници од Одделот за општ криминал, по што ќе бидат познати повеќе информации“, додаваат од Управата на полицијатa.

Како што подоцна беше објавено, Елвис Ќустендил ја убил сопственичката на кафулето во трговскиот центар.

Според Аваз, тој по убиството побегнал од местото на настанот, а припадниците на Специјалната единица го нашле пред зградата во која живеел.