Шефот на државата, Стево Пендаровски оценува дека лице од албанска националност може да биде на претседателската функција во Македонија, но мора да ја има поддршката од сите етникуми во државата.
Според него, етнички Албанец не може да биде претседател на Македонија без гласовите од сите етникуми.
-Избран бев благодарение на гласот на сите гласачи од сите етникуми, вклучително и на Македонците кои го сочинуваат најголемиот број во државата, се разбира. Значи тоа се избори на национално ниво. Зошто да не биде Албанец претседател, но мора да има поддршка од македонскиот и другите неалбански етникуми. Етнички Албанец не може да биде претседател на Република Македонија без гласовите на сите етникуми, рекол претседателот во интервјуто за „Euronews Albania“.
На прашањето како би реагирале граѓаните на Македонија доколку шефот на државата е Албанец, тој вели:
-Работата во политиката денес е транспарентна. Граѓаните гледаат сè што се случува. Имавме шанса да видиме каков е Али Ахмети како пратеник, каков е Џафери, кај кого нема да има никаква промена од функциите што ги извршуваше. Не се плашиме дека Албанец не би работел за интересите на Македонија, изјавил Пендаровски.