Во последното деноноќие, имало десетина пожари на отворено, а еден од нив бил фатален за повозрасно лице, кое починало поради гушење со чад, јавува Центарот за управување со кризи утрово.
Регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадно повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на село Псача.
Опожарена била сува трева со површина од околу 0,4 хектари.
На местото на настанот увид вршеле екипата на СВР и медицинската екипа. Настрадно повозрасно лице, го изгубило животот најверојатно заради гушење од чад.
Според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи, ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено, сѐ уште има во државата, така што и во последното деноноќие имало над десетина регистрирани, по пријава, за запалена трева, нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
Од десетинта „зимски“ пожари на отворено во последното деноноќие сѐ уште три се водат како активни: над с. Лешница (Општина Желино), пожарот на панината Жеден и шумски пожар во атарот на с. Јамиште (Општина Пробиштип). Состојбата се следи од надлежните ангажирани тимови.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, потребно и корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.