Амбасадорот на Русија во земјава – Сергеј Баздникин денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи каде му била врачена вербална нота, поради тоа што Руската Федерација ја стави Северна Македонија на листата на непријателски земји.
Руската Влада денеска одобри список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против земјата, нејзините компании и граѓани, јавија руските медиуми.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска пред новинарите рече дека нашата позиција кон Руската Федерација во котекст на оваа агресија е јасно искажана и манифестирана и дека ќе се придружиме кон сите одлуки на ЕУ за осуда, но и за дефинирање на односот што ќе го имаме со Руската Федерација и оти сето тоа ќе се прави во координација со ЕУ а не врз основа на билатерална одлука.