За 12 дена во Бугарија спас побарале над 38.000 бегалци од Украина
Кај нашиот источен сосед од 24. февруари влегле над 38.000 украински граѓани, а бугарската гранична полиција прецизира дека 17.000 украински државјани веќе ја напуштиле земјата.
На границата меѓу Бугарија и Романија досега се поднесени 100 барања за хуманитарна помош.
„Долж северната граница меѓу Романија и Бугарија во моментов се градат пунктови за првичен прием на бегалците и уште таму ќе се знае колку од нив имаат каде да се сместат , а оние кои немаат ќе бидат упатени во државните бази и во хотелите што изразиле желба да ги примат“ – изјави претседателката на Државната агенција за бегалци на Бугарија – Петја Парванова.
Според неа, во Бугарија за неколку дена ќе почне да се применува Европската директива за привремена заштита, според која граѓаните на Украина ќе имаат право да бараат привремена заштита на територијата на Бугарија, како и во другите земји од ЕУ.