Вучиќ: Ако Косово забрзано влезе во меѓународни организации, Србија ќе изненади со одговорот

Српскиот претседател – Александар Вучиќ денеска изјави дека доколку започне забрзаниот прием на Косово во меѓународните организации, Србија ќе изненади со својот одговор и ефикасност.

„Оној ден кога ќе бидат примени во која било меѓународна организација, тоа значи дека го поништиле договорот од Вашингтон и тој ден ќе ги дознаат имињата на неколку земји кои го повлекоа признавањето на независноста на Косово – изјави Вучиќ.

Тој додаде дека поради конфликтот во Украина, многумина ја гледаат глобалната ситуација како можност за решавање на косовското прашање и дека многумина сакаат забрзан прием на Косово во меѓународните организации.

Тој кажа и дека до Турција не била испратена протестна нота поради најавената поддршка за членство на Косово во НАТО, бидејќи имал закажан телефонски разговор со претседателот на таа земја Реџеп Таип Ердоган.

Во врска со притисокот врз Белград да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина, Вучиќ изјави дека Србија веќе донела одлука за тоа прашање и дека одлуката и е претставена на јавноста.