Песков: Ќе запрат воените дејствија ако Украина исполни некои услови

Русија сака Украина да ги прекине непријателствата, да направи измени во нејзиниот устав со кои ќе се гарантира нејзината неутралност и да се признае полуостровот Крим како руска територија, како и да се признаат Доњецк и Луганск како независни територии“. Ова денеска за „Ројтерс“ го изјавил портпаролот на Кремљ – Дмитриј Песков.

Песков рече дека Русија ја информирала Украина за нејзината подготвеност да ги прекине непријателствата „веднаш“, доколку Киев ги исполни овие барања.

Засега ова е најјасната дефиниција на условите на Москва за прекин на таканаречената „специјална воена операција“, која трае веќе 12 дена, забележува британската агенција.

Песков додаде дека Украина е запознаена со руските услови.

„Им беше кажано дека сето ова може веднаш да престане“ – рече тој.

Песков смета дека Украинците „мора да направат промени во Уставот” за да им биде јасно дека нема да бараат да се приклучат кон ниту еден блок. Тој нагласи дека Русија во иднина нема да има никакви територијални претензии кон Украина.

„Ние навистина завршуваме со демилитаризацијата на Украина. Ставаме крај на тоа. Најважно е Украина да ги прекине непријателствата. Тие мора да престанат со непријателствата и тогаш никој нема да пука“ – рече Песков.