И во Приштина ќе има собир за поддршка на украинскиот народ

Денеска во Косово, во организација на невладини организации и државни институции ќе се одржи собир за поддршка на украинскиот народ во неговата борба против руската агресија.

Собирот преку својата страница на Фејсбук го најави пратеникот на владејачката косовска партија, Движење Самоопределување – Хаки Абази, кој ги повика граѓаните да излезат напладне во центарот на Приштина, „во знак на солидарност и подддршка на украинскиот народ, на неговите легитимни претставници и на неговата херојска борба за одбрана на слободата и демократијата“.

„Уништувањето на инфраструктурата, чистењето на селата и градовите од воените машинерии, долгите редици на луѓе кои ја преминуваат границата за да бидат побезбедни, се свежи сеќавања на војната низ која помина нашиот народ… Ние како народ, за време на српската агресија на Косово, наидовме на поддршка од демократските народи и држави во најтешките денови на нашата нова историја, поради што се солидаризираме и сочувствуваме со големата болка која ја доживува народот на Украина овие денови“ – напиша Абази.

Тој најави дека на собирот ќе се побара престанок на војната и на руската окупација на Украина.

„Собирот на плоштадот „Скендербег“ е потврда за обединоста на народот на Косово со сите мирољубиви народи кои протестираат по плоштадите на сите градови во демократскиот свет против војната и агресијата од страна на Русија и кои отворено бараат прекин на војната и на окупацијата на Украина“ – напиша Абази.